![danok](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/03/danok.jpg?resize=694%2C360&ssl=1)
Општина Центар е локалната самоуправа со најголема сума од наплатен данок на имот 2,3 милиони евра, покажува студијата на Центарот за граѓански комуникации, додека Арачиново е единствената без ниту еден денар од овој начин на финансирање затоа што нема даночно одделение, објави Фактор.
Станува збор за просечни годишни суми од 2019, 2018 и 2017, а тука Центар е прв со 2.302.666 евра, пред Карпош со 2.027.145 и Аеродром со 1.371.700 евра годишно во просек од данок на имот. Во Топ-5 се уште две скопски општини – Кисела Вода со 1.332.851 и Гази Баба со 1.239.583 евра.
Уште две општини имаат над милион евра од оваа даночна ставка, а тоа се Охрид со 1.057.261 и Битола со 1.027.596 евра. Помалку од милион евра, но повеже од 500.000 евра имаат Куманово, Илинден, Кавадарци, Прилеп, Струга, тетово, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Штип.
Најуспешни во процентот на наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. Доколку се земе предвид наплатата на данокот на имот само од граѓаните, тогаш на врвот е Општина Карпош со наплатени 1,5 милион евра.
Центар Жупа и Зрновци немаат ниту 10.000 евра годишно од наплата на данок на имот, а Арачиново не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија.