3.8 C
Skopje
петок, декември 20, 2024

Општина Чаир бара фирма на тендер за уривање на дивоградбата пред Мавровка

Инвеститорот на нелегалниот објект „Фонтана” во ТЦ „Мавровка” не го почитува решението за уривање и од тие причини Општина Чаир преку тендер почна да бара  компанија која ќе треба да ја отстрани дивоградбата.

Во последните 5 дена евидентно е дека градежните работи на објектот Фонтана се во прекин, а од петокот почна да тече рокот од 8 дена од општина Чаир со кој се известува сопственикот дека објектот е дивоградба и треба да се урне.

Тендерот вреден повеќе од еден милион денари ќе се користи за уривање и на други незаконски градби и е во важност од една година. Од тие причини неговата важност ќе продожи и доколку во меѓувреме инвеститорот се пријави сам да го стори тоа.

И додека се изнаоѓа решение, за обвинителството и полициијата инвеститорот останува мистерија – велат се во фаза на собирање докази за утврдување на неговиот идентитет . Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за Канал 5 изјави дека тој го познава кој е сопственикот и дека веќе се обидел да го исконтактира, но неуспешно. Вели дека дека неговото идентификување не е во надлежност на општината, туку на полицијата.

„Јас барав преку приватни канали да дојде во општина, но не дошол. По службен пат сме ги терале сите процедури, значи од 10-ти јули таму излегол инспекторатот на лице место, потоа сме донеле решение за уривање на објектот од самиот ивнестутор, на лице место го немаше инвеститорот, немаше кој да го прими решението, па ние бевме обврзани правно да одиме во втор чекор”,вели Висар Ганиу – градоначалник на о. Чаир.

Но, се уште останува нејасно зошто надлежните не реагираа уште кога објектот почна да се гради..На ова Ганиу дава одговор дека општината претходно немала распишано тендер за уривање на градби, и затоа само испраќале предупредувања до инвеститорот.

Во меѓувреме се уште се истражуваат и причините за пожарот кој настана во стариот дел на кафулето “Фонтана”, кој се случи на први мај годинава за време на полицискиот час.