Општина Гевгелија ја презеде обврската да биде покровител на „Калинка 2023“, со цел повторното заживување на Интернационалниот детски музички фестивал

Калинката созреа, нејзината кора пукна и плодовите излегоа на површина. Заживеа градот на детството, градот на музиката, градот на калинките. Излезе на виделина талентот на дечињата, кои своите вокални и танцови способности веќе ги презентираат на сцената во Народниот театар- Гевгелија. Три дена, претпремиерно, „Калинка“ се претставува пред сите деца од училиштата и детските градинки, информира градоначалникот Андон Сарамандов.

-Славењето на детството преку песната, музиката и танцот продолжува и на 2, 3 и 4. јуни, на истото место со одржување на трите главни фестивалски вечери, а со почеток во 20:00 часот. Сто дечиња, солисти, хористи и танцови групи пеат и играат за: другарството, забавата, лудите години, братчињата и сестричињата, боите, играчките и, се разбира, за калинката по двомесечната подготовка за финалето, вели тој.

Имено, годинава преку Програмата за финансиска поддршка на активностите од областа на културата, Општина Гевгелија ја презеде обврската да биде покровител на „Калинка 2023“, се со цел повторното враќање и заживување на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“ на културната мапа на Гевгелија како нејзин традиционален белег по неколкугодишната пауза од одржувањето.