Општина Илинден почна со изработка на урбанистички планови за површина од 520 хектари

Општина Илинден во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој почнува со реализација на Проектот за изработка на урбанистичка планска документација вреден 4,8 милиони денари.

„Соогласно својата стратегија за локален економски развој Општина Илинден е насочена кон урбанизирање на просторот, се со цел да се излезе во пресрет на барањата на своите граѓани, но и на потренцијалните инвеститори. Во таа насока, во рамките на овој проект е опфатена изработка на урбанистички планови во вкупна површина од 520,38 хектари,“ изјави на прес конференцијата свикана по овој повод градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Со урбанизацијата на овој простор, директно ќе се влијае во подобрувањето и поедноставувањето на постапката за легализација на бесправно изградените објекти во Општина Илинден, каде досега се прифатени 6.146 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, од кои се издадени 3.178 решенија и согласности за легализација или, 52 отсто од поднесените барања.

Урбанизацијата ќе овозможи и формирање на нови економски зони за привлекување на домашни и странски инвестиции, со што директно ќе се влијае во интензивирањето на локалниот економски развој и отворање на нови работни места.

Во текот на минатата година урбанизирана е површина од 154,52 хектари, издадени се 75 одобренија за градба, од кои 24 за стопански субјекти.

Од преземањето на управувањето со градежното земјиште сопственост на Република Македонија до денес отуѓени се 304 градежни парцели за изградба на стопански објекти и за домување, на површина од 42,5 хектари.