
Нови 350 пакети со хуманитарна помош за социјално загрозените лица додели денеска Општина Кисела Вода преку соработката со бизнис заедницата.
– Од страна на компанијата „Витаминка“, како и на Здружението за хуманитарни цели „Сите заедно можеме“, беа обезбедени пакети со храна, пијалаци и средства за хигиена кои на најзагрозените жители на Општината треба да им се најдат во овие тешки моменти кога целата држава се бори со последиците од ширењето на коронавирусот – соопшти Општина Кисела Вода.
Оттаму велат дека и понатаму ќе продолжат со соработката со општествено одговорните компании и здруженија, се со цел кризата што побрзо да се надмине, а последиците да бидат што помали.
– Досега, во повеќе наврати беше делена помош на ранливите категории граѓани од Кисела Вода. Воедно, потсетуваме дека во насока на правилно спроведување на мерките и препораките за заштита, превенција и спречување на ширење на вирусот ковид-19, Општина Кисела Вода заедно со Црвениот Крст-Кисела Вода, обезбеди мобилни тимови кои им помагаат на овие жители за време на полицискиот час – се вели во соопштението.