Општина Кисела Вода со историски најголем Буџет во 2023 година

Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2023 година. Проектиран е на 507.982.798 денари што претставува најголем основен Буџет во поновата историја на Општина Кисела Вода. Она што е најважно за граѓаните е дека неговата висина не се должи на задолжувања и зголемување на даноци, како што е примерот со државниот Буџет, туку на пренесен вишок од 104 милиони денари како резултат на доброто работење на оваа локална самоуправа во годината што изминува.

-Со акумулираните средства, кои се должат на кратењето на непродуктивните трошоци, на затворањето на сите предмети на легализација за кои постоеше соодветната документација, а кои донесоа директен приход преку Данокот на имот, а најмалку од дадени дозволи за градење на згради, што било пракса во минатото, согласно долгорочниот финансискиот план и стратегија, во првиот квартал од 2023 година Кисела Вода ќе ги затвори сите обврски кон добавувачи и за прв пат во нејзината историја ќе стане општина која што не е задолжена. Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година е развоен и посветен на реализација на многу капитални инвестиции, но и одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање на тековните проблеми на граѓаните, субвенции на културни и спортски настани, помош во делот на образованието, детската заштита и културата, разни субвенции по повеќе основи за жителите на општината, информираат од општината.

Планирани се рекордни 202.394.571 денари за капитални инвестиции или повеќе од 40% од основниот Буџет, без притоа општината да влегува во нови задолжувања. Колку за споредба за 19,06% повеќе од 2021 година кога планираните капитални инвестиции биле 170 милиони, 168 милиони во 2020 или 160 милиони во 2019 (со владина помош од 64 милиони денари).

-Споредбено, државата во својот буџет има едвај 15% капитални инвестиции кои во 90% се покриени со задолжувања. Како капитални проекти за 2023-та ќе ги издвоиме: реконструкцијата на мостот на Киро Фетак, изградбата на водовод во Стаклара, одводна мрежа во Пинтија, изградба на нова спортска сала во ООУ Кузман Јосифовски Питу, изградба на нови преку 500 паркинг места, градинки, проект за ново основно училиште во село Драчево, нови линии за осветлување и поставување на фотоволтаици на училиштата. Посебно внимание во капиталните проекти се посветува на реконструкција на улици и патишта за кои се планирани 107,5 милиони денари односно 21,3% од Буџетот на општината, што е во просек речиси 2,5 пати повеќе во однос на секоја претходна година. Се планираат и дополнителни 1,2 милиони денари за сообраќајна инфраструктура. За подземна инфраструктура се планирани 38,8 милиони денари или 7,7% од вкупниот буџет на општината што повторно е за неколку милиони денари повеќе од просекот на најдобрите години во минатото во износ од 35 милиони денари, велат од општината.

За урбана опрема се планирани 24,4 милиони денари или 4,83% од буџетот што повторно е драстично повеќе од минатото односно речиси исто колку за 3 години. Во 2021/2020 и 2019 година заедно, планирани се 27,4 мил денари, а притоа истите не се ни приближно целосно реализирани.

За одржување на улици/опрема/осветлување се обезбедуваат дополнителни 20,15 мил денари или 4% од буџетот.

За јавна чистота, животна средина и други комунални услуги се обезбедуваат 34,5 мил денари или 6,84% од буџетот.

За урбанизам се обезбедуваат 16,5 мил денари или 3,27% од буџетот и важно е да се напомене дека за прв пат ќе се прави 10 годишна стратегија за урбанизмот во Општина Кисела Вода со цел да се стави ред во градењето.За локалниот економски развој се обезбедуваат 16,4 мил денари или 3,26% од буџетот на општината.

-Со останатите средства се обезбедува набавување на информатичка опрема, подршка на спортските клубови и настани, подршка на културни настани и реновирање на културниот дом, подршка во образованието и детската заштита, субвенции за граѓаните за дрва, електрична енергија, партиципација во детските градинки, ужинки во училиштата и друго. Дополнително продолжува помошта на жителите за лекување, настанати штети од невреме, спонзорирање на учество во меѓународни натпревари, помош за нега на стари лица, награди за талентирани ученици и спортисти. Буџетот го поддржаа 13 советници, 1 беше воздржан. Против гласаа советниците од СДСМ и од Левица, информираат од општина Кисела Вода.