Општина Охрид ќе го организира годинешниот Охридски пливачки маратон

Градоначалникот Кирил Пецаков донесе одлука годинава да се одржи јубилејното 60-то издание на Охридскиот пливачки маратон кое ќе биде во организација на општина Охрид.

Маратонот ќе биде поддржан и од спонзори, како и Агенцијата за млади и спорт. По долги години традиција и организација на маратонот од страна на Македонската пливачка федерација, ова ќе биде првпат, целата организација да ја прави Општина Охрид. На овој начин се спасува одржувањето на манифестацијата, бидејќи Федерацијата е со блокирана сметка и не можеше да го организира маратонот.

Првиот човек на Охрид, Пецаков, уште вчера посочи дека е срамота да не се одржи манифестацијата која е белег на Охрид.

„Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки.
Срамната одлука за неодружување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон“, напиша Пецаков.