Општина Ѓорче Петров домаќин на Бадниковата поворка

Општина Ѓорче Петров годинава повторно ќе биде домаќин на дечињата кои ќе земат учество во Бадниковата поворка и ќе донесат голема радост пред христијанскиот празник Божиќ, раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос.

Дечињата со весели коледарски песни ќе го најават празнувањето на големиот ден во христијанството, а општината како домаќин ќе ги дарува коледарчињата со бадникови пакетчиња, како што е традицијата.

Учесниците од Ѓорче Петров ќе се соберат пред црквата „Петар и Павле“ во 09:30 часот од каде ќе дојдат пешки до Општина Ѓорче Петров, по што со организиран автобуски превоз ќе продолжат кон градскиот плоштад и ќе се соединат со сите останати учесници од другите општини. По завршување на централниот настан на плоштадот, дечињата од Ѓорче Петров со истиот организиран превоз ќе бидат вратени во општината.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ги повикува граѓаните кои имаат желба со своите дечиња да бидат дел од Бадниковата поворка.

-Заеднички да се радуваме на денот што ни доаѓа кога Божјата светлина го огреа светот . Да продолжиме на ваков начин да ги негуваме вековните традиции, нашите христијански вредности и во духот на заедништвото да ги славиме овие празници, заедно и сплотени – рече Стојкоски.

На сите православни верници, Општина Ѓорче Петров им ги честита големите христијански празници Бадник и Божиќ.