Општина Ѓорче Петров со сопствени средства ќе плаќа воспитувачки

„Во општина Ѓорче Петров од утре стартуваат три нови детски занимални, во клонот „Детелинка“ во урбаната заедница Мирче Ацев. Направивме исклучителни напори како Општина, еве и со сопствени средства бидејќи не добивме согласности за нови вработувања и за нови лица кои што треба да се грижат за дечињата од страна на министерството за труд и социјална политика. Затоа со сопствени средства ќе плаќаме воспитувачки кои што ќе бидат вклучени во процесот и успеавме само таму згрижиме околу 100 дечиња плус“, истакна Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров во изјава за утринска емисија на МРТВ.

Стојкоски посочи дека очекува МТСП да даде што е можно побрзо и согласност за изградба на нова детска градинка во Волково, со што ќе се згрижат околу 150 дечиња.

„Ќе ви кажам еден пример со тоа што го имавме како реорганизација некаде листата за чекање беше околу 780 деца, кој што настана во моментов кога излезе проблемот со општина Карпош. А, сега листата за чекање брои некаде околу 320 деца. Очекуваме министерството за труд и социјална политика да реагира што е можно побргу во делот на согласност за новата градинка во Волково и со тоа верувам дека некаде околу стотина до 150 дечиња може да згрижиме и значително ќе го намалиме бројот на деца кои што чекаат за градинка. А, паралелно имаме изготвен и веќе нов проект за нова локација во Стопански двор, која што е чиста од сите аспекти и во која што може да се стартува со детска градинка“, најави Стојкоски.

Градоначалникот додаде дека најголем проблем е за урбаниот дел на општината. На тој дел од општината се работи на три ДУП-ови и се предвидуваат локации за нови детски градинки.

„На Ѓорче Петров му недостасуваат најмалку уште две детски градинки за да речам да бидеме малку покомотни во функционирањето“, рече тој.