Фудбалскиот репрезентативец, Бојан Миовски е носител на Орденот „Свети Никола“, кој веќе 13 години по ред Општина Штип го доделува по повод чествувањето на 19 декември празникот „Свети Никола“, патронен празник на градот Штип и на Брегалничката епархија. Кирил Панајотов вработен во Општина Штип на денешната прес-конференција рече дека годинава ќе се доделат и четири признанија „Свети Никола“.
– „КТМ енерџи солушн“ Друштво со ограничена одговорност, како општествено одговорна компанија, потоа доктор Александар Митевски-хирург, Териоријалната Противпожарна единица-Штип и Одбојкарскиот клуб УГД-Штип, вели Панајотов.
Чествувањето на празникот „Свети Никола“ почнува од утревечер, со вечерна богослужба, а во 18 часот на Свечена Академија во соборниот храм „Свети Никола“ ќе се доделат Орденот и Признанијата „Свети Никола“. Чествувањето на празникот „Свети Никола“ продолжува на 19 декември со Света архиерејска литургија, Литија до новото шеталиште „Ванчо Прќе“, каде што ќе има кршење на празничниот колач.