Општина Штип обезбеди училиштен прибор за 403 првачиња

Општина Штип втора година по ред во соработка со бизнис секторот  обезбедува ранци и училиштен прибор за секое прваче. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека три штипски општествено одговорни компании обезбедија училишен прибор за лесен почеток на првачињата.

-Stip city mall обезбеди ранче за секое прваче, компанијата ЕАМ како и секоја година обезбедува маички за сите првачиња, додека пак компанијата Давка обезбеди прибор за новите ученици. На овој начин ќе овозможиме секое детенце од прво одделение со радост да ја почне оваа нова учебна година, вели Јорданов.

Но, годинава во училишните клупи ќе седнат 403 првачиња. Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева за МИА вели дека се надеваат оти оваа бројка ќе се зголеми деновиве или до самиот старт на учебната година, бидејќи се уште има родители кои ги немаат запишано своите деца во прво одделение.

-Во овој момент имаме пријавено вкупно 403 ученици во прво одделение во петте основни училишта. Минатата година имавме малку поголем број 422 дечиња, што значи за 19 ученика помалку. Меѓутоа ова не значи дека е конечната бројка може да се случи и упис на уште неколку деца, коишто не се запишале, а кои по реонизација можеби припаѓаат на друго училиште, но од оправдани причини ќе бидат запишани во некое друго училиште по барање на родителите и секако согласно Законот за основно образование, вели Санева.

Таа е оптимист дека бројката на запишани првачиња ќе се зголеми во септември, но факт е вели, дека од бројките на првачиња во училишните клупи од година во година опаѓаат. Во ООУ „Ванчо Прќе“ се запишани 121, потоа во ООУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби има 41, ООУ „Тошо Арсов“ 86, потоа во ООУ „Димитар Влахов“ се вкуппно 100 и во ООУ „Гоце Делчев“ вкупно 55 првачиња.