Општина Струмица излегува од ЗЕЛС, а Костадинов ќе поднесе оставка од Управниот одбор

Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт поради индиферентниот однос кон Струмица и кон нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – недостиг на вода за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и поради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за пари унгарскиот кредит, соопштија денеска од локалната самоуправа откако синоќа ваквата одлука преку својот профил на Фејсбук ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.

Во соопштението се додава дека Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и од нејзините институции, а за нив дознавале од медиумите.

„Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за сѐ друго сме надвор од ЗЕЛС“, се наведува во соопштението.

Од Општина Струмица наведуваат дека според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа.

„Но, досега, од појавувањето на проблемот со водата од 27 септември, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред сѐ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната „Турија“ од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани“, се посочува во соопштението.

За Општина Струмица ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи.

– Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство – здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се најважни и за нив компромиси нема да има. Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав. Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани – напиша градоначалникот Костадинов.

На крајот, како што се наведува во соопштението, „струмичани се познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење“.

ЈПКД „Комуналец“ објави 16 микрообилошки анализи изработени од страна на акредитирани лабаратории и во сите стручното мислење е дека испитаниот примерок на вода е здравствено исправен согласно Правилникот за безбедност на водата.

„Само резултатот од анализата направена од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје ја немаме добиено, а за која од страна на медиумите дознавме дека не одговара на Правилникот за безбедност на водата поради присуство на колиформни бактерии. Во исчекување на резултатите од Институтот за јавно здравје – Скопје продолжуваме со активностите за водоснабдување на граѓаните со питка вода се до моментот кога инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство ни даде решение дека водата официјално е за пиење“, се наведува во објавата на струмичкото комунално претпријатие.

Синоќа на соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дека водата за пиење во Струмица не е исправна поради присуство на колиформни бактерии, реагираше градоначалникот Костадин Костадинов. Тој  тврди дека водата во Струмица е исправна и хемиско-физичкиот состав и микробиолошки, а тоа ќе го докажале резултатите кои денеска се објавени.