Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска пред претставниците на ЗЕЛС го презентираше јавниот повик за изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште, на кој може да аплицираат општините. Јавниот повик е финансиран со средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година.
Финансиската поддршка е во висина од 100 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци на инвестицијата, а се исплаќа по целосното завршување на инвестицијата од страна на корисникот. Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 1 милион денари.
-Изградбата на пристапните патишта до земјоделските површини се од голема важност за земјоделците, навремено и без проблеми да можат да ги извршуваат земјоделските активности. На последниот повик за поддршка во изградба на пристапни патишта до земјоделски површини распишан во 2018 година, аплицирале и искористиле средства 21 општина, со вкупна вредност на поддршката од 15,5 милиони денари. Министерството преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, ги поддржува општините и со други мерки кои го подобруваат животот во руралните средини. Тоа се мерките 321,322 и 323, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Преку мерката 321 „Развој на јавна инфраструктура во руралните средини“, појаснува МЗШВ, се дава поддршка на општините за изградба на локална инфраструктура, патишта, мостови, преку кои се поврзуваат две или повеќе населени места во руралните средини во должина до пет километри. Инвестиции во изградба на локална инфраструктура за поврзување на села со регионален пат во должина до седум километри. Поддршка за изградба на водоводни и канализациски системи во селтата до 1500 жители, изградба на телекомуникациска инфраструктура, пазари, како и објекти за детски, младински или пензионерски културни центри или клубови во населени руралните средини.
Мерката 322 „Обнова и развој на селата“ дава поддршка на општините при изработка на урбанистичка документација за руралните средини. Потоа инвестиции во изградба или реконструкција на плоштади, шеталишта, зелени јавни површини во рурални средини до 30 000 жители и инвестиции за изградба или реконструкција на селски улици.
Максималниот износ за поддршка по корисник преку мерките 321 и 322 изнесува 20 милиони денари.
Со мерката 323 „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“, наведува Министеството, ги поддржува општините во инвестиции за изградба на локална инфраструктура за поврзување на населените места од руралните подрачја со локалитети од посебно значење за жителите во должина од два километра. Во оваа мерка МЗШВ дава поддршка во зачувувањето на културните и природни знаменитости со цел поддршка на рурланиот туризам и обележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки. Поддршката за оваа мерка е со максимален износ од 15 милиони денари по корисник.
-Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство креираат сериозни и конкретни мерки со кои се подобрува животот во руралните средини, им се олеснува работата на земјоделците и се зајакнува развојот на руралниот туризам. Министерот Николовски ги повика општините да подготват проекти и да аплицираат на јавниот повик за изграба на пристапни патишта до земјоделски површни, но и да ги следат останатите мерки преку кои обезбедуваме финансиска поддршка за развој на руралните средини, информира МЗШВ.
Обрасците „Барање за финансиска поддршка” со листата на потребни документи може да се подигне на веб-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или директно во Агенцијата, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Пополнетото „Барањата за користење финансиска поддршка“ за овој јавен повик заедно со целокупната потребна документација треба да се достават во затворен коверт, на кој на предната страна во горниот лев агол ќе стои ознаката „Не отворај“, за Јавен повик број 09/2022 и назначување на шифрата на мерката за која се поднесува барањето.
Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Крајниот рок за доставување на барањата е 9 јули 2022.