Начинот на кој ќе се врши евалуација на проектите и целиот досегашен процес за доделување на средства за општините, спречува манипулации кои биле честа појава во минатото, изјави за дневникот на Сител, Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-За разлика од минатото во овој процес на евалуација и начинот на кој е најавено од страна на Премиерот да се врши целиот процес за избор, односно оценување на проектите кои би можеле да бидат поддржани од ресорните министерства, спречува манипулации како што било тоа случај во минатото, односно спречува фаворизирање на одредени општини на сметка на останатите. Сметам дека со овој процес каде што точно се знае по бројот на жители во одредена општина колку средства и’ следуваат, е оневозможено да се фаворизира некоја општина или да се врши партиски реваншизам, на што често бевме сведоци во минатите години, посебно кога градоначалниците беа од ВМРО ДПМНЕ, а централната власт беше од СДСМ-изјави Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, додавајќи дека тоа што сите општини координирани од ЗЕЛС, аплицирале со 357 проекти, укажува на добрата подготвеност и сериозноста со која се настапува.
Ѓорѓиевски информираше дека Кисела Вода аплицирала со 5 крупни проекти за кои очекува дека ќе бидат избрани, додавајќи дека ова е одлична можност за реализација на капитални инвестиции за сите општини и градот Скопје кои аплицирале со квалитетни и издржани проектни документации.