Oпштините за почеток ќе добијат 100 милиони евра од унгарскиот кредит

За почеток општините во Македонија ќе добијат 100 милиони евра од унгарскиот кредит кој го договори Владата. Ова го обзнани министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција. Веќе следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра со нов повик за аплицирање.

– Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација на проектот. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница – истакна тој.

Договорот ќе биде потпишан следниот вторник. Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска денеска изјави дека на 8 октомври патува за Будимпешта.

Заемот од Унгарија, премиерот Христијан Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.

Законот за унгарскиот кредит на 17 септември беше донесен во Собранието.

Половина од парите од кредитот ќе одат за бизнис секторот, а половина за проектите за општините.

На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.