Општина Аеродром денеска во 16:30 часот ќе ја одржи вонредната седница на Советот на општината, на која ќе се дискутира за спорниот ДУП И10 донесен од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и за трајно решение за спречување на градбата пред „Мајчин дом“, соопштија од општината.
Седницата пред неколку дена ја најави градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, откако граѓаните излегоа на улиците во знак на протест против изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“. На протестот граѓаните го искажаа своето незадоволство од градоначалникот Златко Марин, поради изградба на деветкатницата кај „Мајчин дом“ и покрај ветувањата во предизборната кампања дека доколку биде избран за градоначалник ќе го стопира процесот за изградбата на објектот со кој се уништува зеленилото.
На прес-конференцијата која градоначалникот Марин ја одржа пред два дена, тој изјави дека е издадена забрана за изградба на зградата, и дека истата е донесена поради неправилности на градилиштето и трае 15 дена, но доколку не се отстранат неправилностите, ќе биде продолжена.
Исто така, тој на прес-конференцијата меѓудругото посочи и дека го поддржува протестот на граѓаните против изградбата на висококатница на ова место, а на денешната вонредна седница се поканети да присуствуваат и сите засегнати страни, граѓани и граѓански организации.
Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин прес-конфренеција одржа и ден претходно, а на истата посочи дека зграда кај „Мајчин дом“ не треба да има, но нема можност да се спречи изградбата.