
Владата Република Македонија ја кочи изградбата на новата градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, информираат од Општина Аеродром.
Како што велат од општината, Владата остана глува на дописите и јавниот повик на Општина Аеродром да ја овозможи изградбата на новата детска градинка и повторно без образложение одбегна да ја стави на дневен ред точката за доделување земјиште на кое ќе се гради оваа четврта по ред детска градинка во Општина Аеродром.
-Со одложувањето на точката за доделување на земјиштето на трајно користење, на кое треба да се изгради современа детска градинка, Владата врши директна опструкција врз работата на Општина Аеродром, иако е обезбедена целата потребна документација и сите согласности од надлежните институции, се вели во соопштението на општината.
Општината е целосно подготвена за почеток на градежните работи за изградба на нова детска градинка за повеќе од 250 дечиња, потпишан е договор со изведувачот и обезбедени се финансиски средства од околу 30 милиони денари.
-Затоа, со жалење може да се констатира дека оваа Влада не работи во интерес на граѓаните, туку напротив работи на опструкции и манипулации, сè со цел да ги спречи проектите на локалната самоуправа, која не е дел од нејзиното политичко опкружување. Со ваков начин на нејзино дејствување, на граѓаните треба да им биде јасно со какви луѓе во Владата си имаме работа, се вели во соопштението.