Општина Центар ќе гради нова спортска сала во Градски Парк

Конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“ со капацитет од 3.000 гледачи, денеска ќе распише градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.

Како што информираат од општина Центар, спортската сала ќе биде на местото на сегашната сала и поширокото окружување и ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс.

Салата ќе биде дом на КК „Работнички“, а како што информираат, ќе биде изградена по сите светски стандарди и во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата е предвидена да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните, а за гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.

Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минумим три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

Претходно на парцела до салата беше предвидена изградба на 30 метарска катна гаража. Општина Центар го спречи градењето на гаражата и парцелата ќе ја пренамени за нова спортска сала.