Општина Кисела Вода ги демантира лажнит обвинувања на претседателот на општинската организација на СДСМ, Филип Темелковски, за кого се споменува дека е можен кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Кисела Вода.
Во опширното појаснување се истакнува дека се свесни оти во недостиг на аргументи некои луѓе се обидуваат да ја извртат вистината, но, сепак, не треба да се потценува интелигенцијата на граѓаните кои секојдневно ги користат реализираните проекти за кои Темелковски вели дека не постојат.
„Дали се, како што вели тој , ‘нула капитални инвестиции во образованието’ двата нови, од темел изградени нови училишни објекти? Првиот, во населбата Драчево, ‘Рајко Жинзифов’ кој е симбол на кинеско-македонското пријателство е инвестиција вредна 4 милиони евра, додека вториот сосема нов училишен објект чија изградба чинеше повеќе од 80 милиони денари, е оној на ООУ ‘Невена Георгиева Дуња’. Дали тој мисли дека може да ги доведе во заблуда родителите чии деца овде ја посетуваат наставата? Дали мисли дека заборавија дека претходно нивните деца училишниот ден го поминуваа во дотраени бараки стари по повеќе од 50 години?“, прашува од општината Кисела Вода.
Во соопштението се вели дека како жител на општина Кисела Вода и личност со политички амбиции, Темелковски би требало да има пријатели кои имаат деца ученици во подрачното основно училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ во Црниче, за кое велат од општината, е здание чие идно постоење беше доведено во прашање освен доколку не се интервенирало темелно.
„Токму онака, како што Општина Кисела Вода стори, па овој објект во кој отворивме и градинка, првата во Црниче, не само што е во одлична состојба, туку и стана првиот јавен објект во кој загревањето е целосно еколошки, со котли кои користат биомаса, па на тој начин се штеди енергија и не се загадува животната средина. Иновативноста на оваа идеја која ја промовираше Општина Кисела Вода ја препознаа и бројни меѓународни институции, па на конкурсите за кои се аплицираше, токму Општина Кисела Вода беше рангирана како прва, што пак, овозможи нови инвестиции во училишните објекти и градинките. Ќе ја споменам градинката во Пржино за чија енергетска обнова се аплицираше за проектот ‘Енергетска ефикасност во општинските асоцијации’. Истиот е финансиран од страна на Германското Министерство за економска соработка и развој и Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува Германското друштво за Интернационална соработка во соработка со ЗЕЛС, преку Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност“, се вели во соопштението.
Оттаму посочуваат дека овој проект од страна на тимот експерти кој го вршел оценувањето бил оценет за најдобар, па објектот добил комплетно променета фасада и надворешна столарија и загревање со котел кој како енергенс користи биогориво. Освен како финасиски партнер во овие инвестиции, Општината самостојно ја финансирала и промената на кровот на оваа детска градинка.
„Целосно се реновираше ЦОУ ‘Круме Кепески’, во Кисела Вода. Учениците во својот училишен објект добија нов кров, замена на комплетната столарија, нова термоизолациска фасада, реконструкција на санитарните јазли. Нов кров, енергетски ефикасна фасада, прозорци, ентериерно уредување доби и ПОУ ‘Круме Кепески’ во Припор, каде со реконструкција и адаптација на две постоечки простории од училиштето и изградба на сосема нов дел се отвори првата јавна детска градинка во Припор. Со цел подобрување на условите за најмладите, реконструктивни зафати беа изведени и во ООУ ‘Кирил Пејчиновиќ’, во ООУ ‘Кузман Шапкарев’, како и во речиси сите градинки на територија на општината. Целосно еколошко загревање добија и градинките во населбата Драчево. Покрај горенаведените две, се изгради сосема нова градинка и во Пинтија, трета градинка во Општина Кисела Вода, во овие 4 години. Истата повторно користи елосно еколошки модел за згревање – со соларни панели и пелети“, се вели во соопштението.
Оттаму потенцираат дека општината има реализирано многу проекти во спортот.
„Од она што за Темелковски е “нула инвестиции во спортот”, ќе ги издвоиме инвестициите во целосната обнова на кровот на училишната спортска сала во ООУ ‘Климент Охридски’ во селото Драчево. Во дворот на истото училиште Општината постави и фитнес справи, со што се доби фитнес центар на отворено, а преку соработката со Агенцијата за млади и спорт, се изгради повеќенаменско игралиште, па целиот комплекс се претвори во вистински спортски локалитет. Ваква фитнес зона, општина Кисела Вода направи и во ООУ ‘Кузман Шапкарев’, па заедно со повеќенаменското и тениското игралиште кои тука беа отворени од страна на со Агенцијата за млади и спорт и овој дел од населбата Драчево, прерасна во современ спортски комплекс. Повеќенаменски игралишта беа отворени и во Припор, Пинтија и во Црниче’, потенцираат од општина Кисела Вода.
Посочуваат дека во двете спортски сали „Независна Македонија“ и „Архиепископ Доситеј“ комплетно биле реновирани гледалиштата, паркетот и водоводната санитарија.
„Општина Кисела Вода инвестираше во нивно приклучување на парно греење. Во салите се одвива проектот ,Спорт за граѓаните’, преку кој граѓаните користат бесплатни термини за спортување. Континуираните вложувања во изградба на спортската инфраструктура и спортските проекти во општина Кисела Вода кои го прават спортот подостапен за сите жители од овој дел на градот, се гледаат и во проектот за изградба на спортски трибини на фудбалското игралиште “ССК” во Драчево, кој е во завршна фаза’, се вели во соопштението.
Кога е во прашање урбанизмот и урбанистичкото планирање, општина Кисела вода информира дека согласно новиот ГУП, изгласан во 2012 година и кој е во важност во наредните 10 години, изработени и усвоени се 13 детални урбанистички планови и две општи акти, додека во процедура се уште 17 детални урбанистички планови и два Урбанистички планови за село.
„Што само говори за посветена и одговорна рбота во интерес на граѓаните, а не за недомаќинско работење. Истото го потврдува и легализацијата на околу 40% од дивоградбите. Треба да се знае дека до Секторот за урбанизам и просторно планирање на Општина Кисела Вода се пристигнати 13.855 барања за легализација на дивоградби, што овој дел на градот во минатото го правеше лидер по бројот на нелегално изградени објекти. 5561 семејство сега веќе имаат објект кој е легално нивен и можат со него да располагаат. Да го продадат, да го подарат, да го остават во наследство на идните генерации“, се вели во соопштението од општината.
Оттаму истакнуваат дека реализирани се бројни проекти во сите сфери.
„Во насока на обнова на комуналната инфраструктура, во овој 4-годишен период, изведени се преку 4.100 метри атмосферска, преку 3.400 метри фекална и над 2100 метри водоводна мрежа. Интензивно работејќи на обнова и подобрување на патната инфраструктура, на изградба, санација, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, нанесени се 15 800 квадратни метри асфалт. И во моментов течат градежни активности на територија на целата oпштина. Ќе потсетиме само на почнувањето на втората фаза од проектот за проширување на патот кон Теферич, целосната реконструкција на улицата ‘Партизански Пат’, поплочување на 3300 квадратни метри улици во населбата Пинтија, 1.150 квадратни метри во селото Усје, 1200 квадратни метри асфалтирање во населбата Драчево, деновиве се почнати подготвителни градежни активности за изградба на спортската училишна сала во ООУ “Рајко Жинзифов-симбол на кинеско-македонското пријателство”. Во подготвителна фаза е и проектот за целосна реконструкција на ул. ‘Сердарот’ , каде ќе се асфалтираат 4200 метри квадратни. Ќе се реконструираат и улиците ‘Доситеј Обрадовиќ’ и ‘Христо Татарчев’ – крак 6, за кои веќе е завршена тендерската процедура, се вели во соопштението.
Потенцираат дека досега реализирани се 85 отсто од ветеното, а не 3,5 проценти, како што вели Темелковски.
„Бројка за која веројатно ни самиот не знае како дошол до неа. Веројатно на истиот математички принцип по кој е стигнато и до оние нули за кои тврди дека е процентот на реализација на капиталните проекти во Општина Кисела Вода. Дека овие бројки кои денес беа изнесени на прес конференција немаат никаков допир со реалноста, не е тешко да се провери. Потребно е само да се излезе на терен и да се увиди фактичката состојба. Или, кога веќе станува збор за лице кое држи прес конференции, добро е пред да се обрати на јавноста, да се координира со советниците од неговата партија кои се се уште дел од актуелниот состав на Советот на Општина Кисел Вода. За голем дел од проектите за кои господинот Филип Темелковски не знае, гласале и на седница на Советот ги поддржале токму советниците од неговата партија“, се вели во соопштението од Кисела Вода.