Кошаркарската легенда Александар Ѓорѓевиќ е главен кандидат за тренер на Партизан за наредната натпреварувачка сезона, објави српскиот весник „Курир“ повикувајќи се на извори од управата на белградскиот клуб.
Ѓорѓевиќ дел од своите најблескави моменти во играчката кариера ги помина токму во дресот на Партизан, со овој клуб во 1992 година стана и европски првак.
Тој моментно е стратег на Виртус Болоња, но јасно е дека нема да остане на оваа функција и за наредната сезона, особено по фијаското во Еврокупот каде иако имаше убедливо најголем буџет за играчи сепак не успеа да влезе во финалето и да обезбеди пласман во Евролигата.
Важен фактор во преговорите Ѓорѓевиќ – Партизан се очекува да биде Зоран Савиќ, соиграчот од шампионската 1992 година кој од пред неколку месеци е спортски директот на „црно-белите“ и кој е оптимист дека ќе успее да го убеди Ѓорѓевиќ да застане на кормилото на тимот.