Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање го потврди Ѓорѓија Сајкоски за носител на ВМРО-ДПМНЕ во петтата Изборна единица.
„Во однос на носител во петтата Изборна единица можам да го потврдам Ѓорѓија Сајкоски генералниот секретар на партијата ВМРО-ДПМНЕ за носител во петтата Изборна единица. Сметам дека имаме одлично решение, тој долги години беше еден од најуспешните претседатели на Општински комитети во ВМРО-ДПМНЕ, го водеше Општинскиот комитет во Кичево кој секогаш постигнува фантастични резултати за ВМРО-ДПМНЕ. Како генерален секретар е дел од оваа нова приказна на ВМРО-ДПМНЕ која ќе значи убедлива победа на претседателските и парламентарни избори. Така што во петка одиме со Сајкоски“, истакна Николоски.
Николоски истакна дека промоцијата на пратеници согласно законските правила, најпрво треба да ги достават листите до ДИК, да бидат прифатени, а потоа секако ќе има промоција, а во недела ќе има промоција на програмата.