Напредува изградбата на затворениот спортски објект во населбата Пинтија, во ПОУ ,,Рајко Жинзифов”. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во динамиката на работа, на чија завршница чекаат 252 ученици од ова училиште. Затворената спортска сала, која е прва од ваков вид во ова населено место, ќе има површина од околу 350м2.
-Активно се одвива изградбата на затворената спортска сала во населбата Пинтија која обезбедува современи услови за спортување на нашите ученици од ПОУ ,,Рајко Жинзифов”. Како никогаш досега во минатото, Пинтија ќе има затворен спортски објект на околу 350 квадратни метри, кој ќе обезбеди комплетна спортска инфраструктура за развивање на физичките потенцијали и подобрување на здравјето на младите. Наша должност, како раководство на Општина Кисела Вода е секојдневно да ги унапредуваме условите и да им овозможиме еднакви можности на сите наши жители, посебно на најмладите кои се иднината на Република Македонија. Создаваме и градиме во секоја населба во секое населено место, а ваквите проекти се валоризација на мојот даден збор-истакна Ѓорѓиевски.
Затворената спортска сала во Пинтија се очекува да биде завршена до крајот на учебната година.