Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на манифестацијата за одбележување на патронатот на ООУ “Партенија Зографски”.
63-годишното постоење на ова училиште се одбележа со свеченост на која градоначалникот Ѓорѓиевски и директорот на училиштето Мартин Мартиновски, поставија свежо цвеќе пред бистата на првиот македонски учебникар, фолклорист, филолог, културен деец, првиот македонски митрополит и еден од најистакнатите црковни работници од 19 век, чие име го носи училиштето.
Директорот се обрати и ги поздрави присутните, а потоа следуваа музичко-сценски настапи од страна на учениците, доделување на награди за најуспешните учесници на конкурсите распишани по повод патронатот, како и благодарници за наставниците кои годинава го заокружиле својот работен процес и заминале во пензија.
По завршувањето на свеченоста, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски заедно со директорот Мартиновски, изврши обиколка на училишниот објект.
Се информираше за потребите што ги имаат учениците и персоналот во ова училиште. Изврши увид во училишната спортска сала во која неодамна отпочна проект за реконструкција на подот и ѕидовите. Се работи за инвестиција на Општина Кисела Вода во вредност од 1.885.000,00 денари. Директорот ја изрази својата благодарност и ја назначи важноста на овој проект бидејќи, учениците од ова училиште се прваци во општината во повеќе спортови.
Информираше дека се користи убавото време и додека трае обновата, дечињата организирано ги посетуваат падините на Водно. Од страна на градоначалникот доби уверување дека активностите во насока на подобрување на условите за работа во училишниот објект ќе се одвиваат со засилено темпо бидејќи инвестирањето во развојот на образовниот процес и изградбата на учениците во силни и здрави личности се должност на општината и ќе бидат негов врвен приоритет во работата.
ООУ “Партенија Зографски” брои вкупно 519 ученици. Годинава беа запишани 81 првачe.