Откако официјално беше претставен како кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Кисела Вода, на социјалните мрежи се огласи и Орце Ѓорѓиевски и најави дека падот на СДСМ започнува од Кисела Вода.
Ѓорѓиевски вели дека најдобро ги знае проблемте на граѓаните, дека ќе биде во населбите, маалата пред секој двор.
-После две децении напорна работа, комуникација со моите сограѓани, размена на идеи, креирање на визија и долгогодишна поддршка од моите сограѓани, мојата партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со поддршката на граѓаните, одлучи да бидам кандидат за градоначалник на овие локални избори.
Целиот живот живеам во општина Кисела Вода и најдобро ги знам сите проблеми, но и простор за развој и подобра иднина на општината и граѓаните и ве уверувам дека јас како градоначалник посветено и одговорно ќе работам и ќе бидам достапен за сите деноноќно.
Да расчистиме уште сега, јас нема да бидам салонски функционер, јас ќе бидам оној кој што повеќе ќе биде во населбите, маалата, уличките и пред секој двор за да го реши секој проблем и заедно да ја направиме Кисела Вода повторно најубава, како што и доликува на една од најстарите градски општини.
Овој пат, лично јас како Орце Ѓорѓиевски ја барам поддршката од вас, моите сограѓани, заедно да реализираме се што е зацртано.
На крајот сакам да му се заблагодарам за несебичната поддршка на претседателот Христијан Мицкоски кој од самиот почеток веруваше во мене и во моите искрени и чесни намери да ја вратам Кисела Вода како општина, на старите успешни патеки.
Товарот е преголем заради наталожените проблеми, но мотивацијата и одговорноста се многу поголеми од сѐ останото. Падот на СДСМ ќе почне од Кисела Вода, пишува Ѓорѓиевски на Фејсбук.