Ѓорѓиевски: После пожарот во Расадник таму може да се засадат само овошки, градење нема да има!

Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во своето гостување за Радио Слободна Европа, запрашан за големиот пожар што избувна во населбата Расадник изјави дека на опожареното место нема да се гради ништо, иако од „кујната“ на опозициските партии се сервираше нешто друго.

Како што кажа Ѓорѓиевски, сопрен е спорниот ДУП за Расадник кој предвидуваше 99 згради и беше донесен од неговиот претходник, а за истата населба е распишан Меѓународен конкурс кој е прв во Македонија после Кензо Танге.

– По големиот пожар во Расадник, како што изјавив и за медиумите, а го изнесов тоа и на мојот фејсбук профил, нема да се гради ништо. За да се гради, треба да се донесе Детален урбанистички план (ДУП). За разлика од тогашниот концепт, каде што во Расадник требаше да се изврши груба бетонизација од мојот предходник, од редовите на Социјал-демократскиот сојуз, бившиот градоначалник на Кисела Вода, мојот концепт, кој го понудив беше поинаков, граѓаните го поддржа и тој станува пракса. Почнува во практика да се реализира, а тоа значи во првиот дел од ветувањето, кажав и заврши успешно, објавувањето и изборот на меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник. По завршената постапка треба допрва да се нарача изработка на ДУП. Согласно финансиите на општината, кога ќе бидеме во можност, ќе извршиме постапка во која ќе биде нарачан Детален урбанистички план, но во моментов сме далеку од таа постапка, рече тој.

Ѓорѓиевски посочи дека единствено таму може да засадат некоја овошка, зеленчук.

-Така да сумирам на кратко, во Расадник нема ништо да се гради, веќе им препорачав на оние кои беа загрижени. Во моментов единствено може да засадат некоја овошка, зеленчук и така натаму, може да се искористи имагинација и креација и да се пристапи кон такво нешто, рече Ѓорѓиевски.