Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изрази благодарност од Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски за брзата, професионална и експедитивна разрешница на случајот со подметнатиот пожар на локацијата Расадник.
„За жал, нечија детска игра може да донесе сериозни последици, како што беше случај кај нас пред 3 дена. Имено, се работи за тројца малолетници кои на територијата на Расадник, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева. Пожарот брзо се рашири и изгореа над три хектари површина! Против 14 годишниот поднесена е кривична пријава за ‘предизвикување општа опасност’, казниво по член 288 од Кривичниот законик. Благодарение на противпожарните екипи и брзата реакција, за што сакам и нив да им изразам длабока почит, МВР, населението и службите на општината спречивме катастрофални последици со кои можеше да биде трагично по животот на мојот народ, како и нивниот имот“, истакнува Ѓорѓиевски.
Апелираше и до родителите да внимаваат на своите деца, особено во вакви периоди на пожари. Детската игра може да биде фатална, предупреди Ѓорѓиевски.
„Сите ние сме родители и сите сакаме најдобро за нашите дечиња, затоа треба и така да се однесуваме.А сега, откако се крена маглата кои некои сакаа да ја наметнат, особено оние кои планира 99 згради во Расадник според ДУП-от кој јас го поништив, уште еднаш сакам да потенцирам дека на опожарени места во Кисела Вода – НЕМА ДА ИМА ГРАДЕЊЕ! Уште еднаш, благодарам и поклон до земја за МВР, ЦУК, Противпожарната бригада и мојот храбар народ“, нагласува градоначалникот.