Измина точно една година откако најкорумпираниот и најнеспособен министер во историјата на МВР, Оливер Спасовски вети расчистување на скандалот со прислушуваните телефони на Јавното обвинителство, рече на денешната прес-конференција, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-На први декември минатата година, на спектакуларно најавена прес конференција Спасовски се обиде да го наклевети ВМРО-ДПМНЕ и побара одговори од претседателот Мицкоски. Ова е насловот од неговиот прес конференција објавен на веб страната ма МВР, која гласи: За скандалот со снимањето, одговорност ќе има! Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја инсталирал и кој ја користел. Од тогаш помина точно една година. Ниту одговорност има, ниту се знае кој ја нарачал опремата, ниту кој ја инсталирал, а уште помалку кој ја користел. Целата прес конференција се сведе на една голема лага. Спасовски ги гледа во очи граѓаните и ги лаже. Исто како и неговиот шеф Зоран Заев. За причините зошто од истрагата и од ветеното расчистување на случајот нема ништо, постојат две претпоставки. Првата е дека се тотално неспособни и свесно лажеле, а втората е дека се инволвирани до гуша и во овој криминал па го прикриваат свесно. Двете претпоставки личат на Спасовски, но првата е помалку веројатна бидејќи во МВР има професионалци кои за неколку дена ќе утврдеа кој ги прислушувал обвинителите. Доколку тоа не може да се утврди, подобро е да ја распуштиме целосно полицијата. Затоа втората варијанта е поверојатна. Некому му одговара да ги снима и да ги уценува обвинителите. Затоа не се дозволува расчистување на овој случај. Да потсетиме дека токму Спасовски тврдеше дека обвинителите биле цела година слушани и снимани. Што има на тие материјали и кој располага со нив? Дали можеби нелегално стекнатите прислушувани материјали се причината за несериозното постапување на Јовевски и Русковска во случаите „Рекет“, „Вирус“, Рашковски, крвавите тендери и сите останати криминални афери кои ја тресеа македонската јавност изминативе 3 години, а во кои се вмешани високи функционери на СДСМ и на власта? Македонија повторно ќе биде правна држава, а наместо криминалот и анархијата по македонските улици ќе се врати правдата, мирот и безбедноста, истакна Ѓорѓиевски.
Ќе одговараат сите до еден, кои учествуваа и прикриваа криминал изминативе години, додава тој.