![tirana plostad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/08/tirana-plostad.jpg?resize=650%2C432&ssl=1)
Албанија го одбележува 8 декември како Ден на младоста, кој е запаметен како историски момент, кога група студенти и професори од Универзитетот во Тирана, во 1990 година, станаа протагонисти на големата историска пресвртница, за промена на диктаторскиот режим.
-Тоа беше време на големи соништа и надежи. Всушност, оттогаш многу нешта се променија. Земјата стана многу послободна од порано, отиде напред, се отвори кон светот, економијата порасна. Денешните млади луѓе се многу поразлични од тогашните, имаат бескрајни можности и избори споредено со пред 30 години. Нивните амбиции се зголемени, но и нивните очекувања за иднината, наведува „Ора њуз“.
Но, констатира, во овие три децении реалноста како да не им се приближи на амбициите на младите, зашто во голема мера, се покажа дека тие за исполнување на нивните очекувања, избрале друго место.
-Податоците на Институтот за статистика, ИНСТАТ, покажуваат дека во 2022 година, возрасната група од 0 до 24 години сочинувала само 30 отсто од населението, наспроти 50 отсто во 2011 година. Во последните две децении, пак, бројот на млади луѓе и деца е помал за околу 570 илјади. Има многу причини. Една од нив е постепеното стареење на населението, донекаде нормален тренд кој дојде со развојот на земјата и промените на животниот стил, наведува телевизијата.
Сепак, посочува, најголем ефект дава емиграцијата, која не само што не престана, туку и по 2016 година е забрзана, со над 70 отсто бегалци помлади од 24 години, како што произлегоа од податоците на Евростат за барателите на азил и додава дека „си заминуваат семејства со деца, но и многу млади луѓе кои инаку би основале семејства во земјава“.