Орбан: Брисел ги лажеше граѓаните на ЕУ во врска со санкциите против Русија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во Брисел ги „лажеле луѓето од Европа“ кога рекле дека санкциите против Москва нема да се прошират на енергетскиот сектор и дека тие ќе доведат до брз крај на војната во Украина, пренесе во петокот службената новинска агенција MTI.

„Големите акционери на енергетските компании, почнувајќи од финансиерот Џорџ Сорос, остваруваат милијарди дополнителни профити благодарение на порастот на цените на енергенсите поврзани со санкциите“, изјавил Орбан за националното радио.

Додал дека „граѓаните во Европа во моментов плаќаат високи цени за енергија поради санкциите, што ја прави иднината нестабилна“.

Според Орбан, цените на енергијата се водени од „политички мотивирани одлуки во Брисел, а не од економски причини“.

„Без санкции, цените на енергијата би биле исти како во април, кога се очекуваше да се стабилизираат на околу 100 долари“, рекол Орбан.

На самитот во Версај, земјите од ЕУ се согласија „со раководството на Германија и Унгарија“, како што рекол Орбан, „да не ги прошируваат санкциите за енергијата“, истакнувајќи дека Унгарија ќе беше во многу полоша ситуација доколку владата не се бореше за изземање од санкции против Русија.

Унгарскиот челник истакнал и дека е неизвесно дали ситуацијата уште повеќе ќе се влоши со оглед на тоа што ЕУ сака да воведе нови санкции за Русија.