Орбан ќе се сретне со Зеленски кога ќе се обноват правата на Унгарците во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе се сретне со украинскиот претседател Владимир Зеленски откако ќе бидат обновени правата на унгарското малцинство во украинскиот регион Закарпатје, изјави државниот секретар на унгарското Министерство за надворешни работи Тамаш Менчер.

„Унгарскиот премиер и украинскиот претседател ќе се сретнат штом односите ќе влезат во нова фаза“, рече дипломатот. Според него, датумот на ваква средба сѐ уште не е одреден. „Ако се одреди датум, тоа би значело дека се обновени правата на унгарската заедница во Закарпатје“, објасни Менчер, говорејќи на ТВ каналот М1.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на 29 јануари изјави дека прашањето сè уште не е решено. По средбата со највисокиот украински дипломат Дмитриј Кулеба и шефот на украинскиот претседателски кабинет Андреј Јермак во Ужгород (град во регионот Закарпатје во Украина), тој истакна дека двете земји треба да поминат долг пат за да ја вратат меѓусебната доверба. Главните поплаки на Унгарија против Украина се однесуваат на правата на унгарското малцинство во Закарпатје, кои беа отповикани од локалните власти по 2015 година.

На разговорите во Ужгород станало збор и за можна средба меѓу лидерите на двете земји. Украинските власти рекоа дека Киев е заинтересиран за таква средба, но Сијарто не се осврна на ова прашање на неговата последна прес-конференција. Орбан не одржа средба со Зеленски во изминатите две години и, за разлика од лидерите на другите земји од Европската унија, тој не го посети Киев.

Будимпешта бара да се обноват правата на унгарското малцинство во Закарпатје, предупредувајќи дека во спротивно, нема да ја поддржи кандидатурата на Украина за пристапување во Европската унија. На 8 декември, Врховната Рада (Украинскиот парламент) донесе закон за правата на етничките малцинства, кој ги зема предвид препораките издадени од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа. Документот отстранува голем број јазични ограничувања за етничките малцинства. На состанокот во Ужгород беше одлучено да се формира билатерална комисија која ќе ги разгледа барањата на Унгарија и ќе подготви извештај за министрите за надворешни работи.