Орбан го покани шведскиот премиер на разговар за членството во НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во вторникот објави дека го поканил шведскиот колега по должност Улф Кристерсон да ја посети Будимпешта и да преговара за членството на неговата земја во НАТО алијансата, која е во застој од Унгарија и Турција.

„Денеска испратив покана до премиерот Улф Кристерсон да ја посети Унгарија за да преговара за прием на Шведска во НАТО“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.

Во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, Шведска и Финска ја напуштија својата повеќедецениска само декларативна политика на воена неутралност и покрај континуираното одржување воени вежби и соработка во воената индустрија и аплицираа за членство во Организацијата на Северноатлантскиот договор. Во меѓувреме, Финска стана членка, но Шведска беше запрена на пат од Унгарија и Турција.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му се спротивстави на Стокхолм поради тоа што ги заштитува организациите што Анкара ги смета за терористички и им пружа политичка заштита на лицата по кои турските судови трагаат за тероризам, а Орбан тврди дека нема безбедносна закана за Шведска, која „неразумно ги обвинува“ унгарските власти за поткопување на демократијата.

Шведска „не презема никакви чекори за зајакнување на довербата, така што нашата врска ќе стане однос на сојузници и пријатели“, рече Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на брифинг минатата седмица.

„Овој однос во моментов е правно еден од сојузниците, но не може да се смета за пријателски, па морам да заклучам дека за Шведска денес воопшто не е приоритет брзо да се приклучи на НАТО“, додаде Гуљас тогаш.

Унгарскиот парламент, кој моментално е на зимски одмор, ќе продолжи со работа во средината на февруари. Турскиот парламент подоцна во вторник треба да расправа за барањето на Шведска за членство во НАТО, изјави во понеделникот парламентарен извор. Комитетот за надворешни работи на турскиот парламент го одобри барањето на Шведска минатиот месец, што е прв чекор во процесот на ратификација.