Орбан и Ле Пен на самитот на крајната десница во Мадрид го поздравија враќањето на Трамп

Челниците на крајно десните партии обединети во третиот најголем блок во Европскиот парламент – Патриоти за Европа, го поздравија враќањето на Доналд Трамп како претседател на САД на собирот во шпанската престолнина Мадрид во саботата одржан под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“.

Водечки личности на собирот беа унгарскиот премиер Виктор Орбан и потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини, како и челниците на францускиот Национален собир (RN) и холандската Партијата на слободата (PVV), Марин Ле Пен односно Геерт Вилдерс.

„Торнадото Трамп го промени светот за само неколку седмици…. вчера бевме еретици, денеска сме мејнстрим“, рече Орбан пред две илјади делегати и приврзаници.

Сите говорници остро ја критикуваа имиграцијата и повеќето од нив повикаа на нова „реконквиста“, референца на средновековното христијанско повторно освојување и враќање на Пиринејскиот остров кој паднал под маварска муслиманска контрола, пишува Reuters.

Претходно поранешниот естонски министер за финансии Мартин Хелме го започна собирот по видеопораката на лидерката на венецуелската десничкарска опозиција Марија Корина Мачадо. Неговиот говор во кој ги критикуваше левичарите и особено во Европа за нивните политики кон нелегалната миграција го прекина активистка на проукраинската феминистичка група Femen вообичаено во топлес извикувајќи на шпански „Ни чекор назад против фашизмот“ пред да биде отстранета од салата.

Другите теми на самитот го вклучуваа ткн „вокизам“, израз кој пежоративно се користи за опишувањето на неолибертаријанските и левичарски ставови кои во законодавствата на многу земји наметнуваат „род“ наместо „пол“, промовирање на хомосексуалноста, потоа невладините организации кои ги пренесуваат мигрантите од Блискиот исток и Африка во Европа, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и на социјалистичкиот шпански премиер Педро Санчез, чии имиња беа дочекани со гласни негодувања.

Политичката формација Патриоти за Европа е основана по изборите за Европскиот парламент во мај 2024 година и нејзината пратеничка група ја сочинуваат 86 европратеници од 14 земји, што според процените претставуваат 19 милиони гласови.

Мадрид е избран за место на нивниот официјален самит за претседателот на Патриотите за Европа, Сантијаго Абаскал, кој е лидер на шпанската партија Vox, би можел да биде домаќин.

Владејачката Социјалистичка работничка партија на Шпанија (PSOE) во соопштение по повод самитот наведе дека го отфрла она што го опишува како „собир на ултрашите“, додавајќи дека „Тие нема да успеат нивниот црно-бел поглед на светот да надвладее во оваа земја“.

Партијата Vox последните месеци постојано бележи раст во повеќето анкети. Според Центарот за социолошки студии (CIS), најголема поддршка добива меѓу младите мажи, припадниците на војската и на полицијата.

И покрај искажаната намера на Патриотите за Европа да ги обединат европските суверенистички конзервативци, некои од највлијателните партии во ЕУ од тој табор, како Браќата на Италија (FdI) на италијанската премиерка Џорџа Мелини, Алтернатива за Германија (AfD) и полската Право и правда (PiS), засега не се придружуваат на овој блок партии.