Орбан: Некои пратеници бараат дополнителни дискусии за проширувањето на НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот изјави дека ќе треба да се одржат повеќе разговори меѓу парламентарните групи пред пратениците да гласаат за ратификација на апликациите за членство на Финска и Шведска во НАТО, потврдувајќи ја претходната најава дека дискусиите ќе започнат следната среда.

Во изјава за јавното радио, Орбан рече дека побарал од пратениците од неговата партија Фидес да го поддржат барањето на двете нордиски земји, но дека има пратеници кои „не биле толку ентузијасти“ за проширување на воената алијанса и бараат дополнителни дискусии.

Парламентите на сите 30 членки на НАТО мора да го ратификуваат секое ново членство во Алијансата, а досега само Унгарија и Турција не го сторија тоа. Според најавите, унгарските пратеници на 6-ти март треба да гласаат за членството на Финска и Шведска, додека Турција има спор во прв ред со Стокхолм поради што најави дека ќе ги раздвои двете ратификации.

Орбан рече и дека мора јасно да стави до знаење дека Унгарија ги поддржува Финска и Шведска, но дека треба да ги слуша и приговорите на Турција за влезот на Шведска.

„Што се однесува до Турција, таа е и наш сојузник и затоа треба да слушаме што има да каже“, рече Орбан. Тој смета дека треба да се најде решение за турските приговори бидејќи во спротивно целото проширување може да пропадне.

Доцнењето на ратификацијата Унгарија го оправдува и со спорот со Брисел околу користењето на Будимпешта на зедничките фондови на Европската унија. Орбан, исто така, истакна дека некои унгарски пратеници имаат дилеми кога станува збор за Финска и Шведска, бидејќи двете земји „шират чисти лаги“ за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Унгарија.