Орбан по состанокот со Додик отворено ја поддржа Република Српска

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно во четвртокот пофално се изразуваше за лидерот на босанските Срби, Милорад Додик со кој во текот на денот се сретна во Бања Лука, а неговите изјави во босанскохерцеговските и хрватските медиуми се толкуваат како отоврено поддржување на однесувањето на властите на ентитетот Република Српска, кои во Сараево и на Запад се оценуваат како наводно доведување во прашање на стабилноста на Босна и Херцеговина.

Орбан допатува во официјална посета на БиХ, а по престојот во Сараево и состаноците со функционерите на државните и властите на Федерацијата на БиХ, допатува во Бања Лука каде што разговараше со политичарите од Република Српска кои ги предводеше Додик кој со години веќе одржува блиски односи со унгарскиот премиер кој отворено го поддржува.

По разговорите со Додик, Орбан пред новинарите зборуваше за европските перспективи на Република Српска притоа одвај споменувајќи ја Босна и Херцеговина. Српскиот ентитет унгарскиот премиер го опиша како „природен дел од централна Европак“ на којашто треба да ѝ се приближи во подемот постигнат изминатите десет годии, а не ја пропушти можноста повторно да ја критукува политиката којашто кон Будимпешта и Бања Лука ја спроведува Европската комисија.

„Денес европската политика во однос на Србите е недостојна и нефер“, рече Орбан додавајќи дека Унгарија води суверена надворешна политика иако е членка на ЕУ, а тоа има значење и во односот кон Република Српска.

Орбан додаде и дека унгарската надворешна политика сака побрза интеграција на Република Српска во Европската унија и оти не поддржува никакви санкции ниту за Додик, ниту за Република Српска или против кој и да е друг, како и дека од БиХ треба да се повлечат странците и носењето одлуки да им го препуштат на домашните политичари.

„Ние Унгарците ги гледаме борбите коишто ги водите и расправите коишто Република Српска ги води во рамките на БиХ. Ние тие расправи и ги разбираме, бидејќи и самите сме борбен народ и знаеме колку енергија тоа одзема, но тие битки не можат да се избегнат и треба да се водат“, изјави Орбан.

На овие изјави на Орбан се гледа како дека „оставаат простор за нагаѓањата дека всушност индиректно ја поддржал сепаратистичката политика на Додик и поткопувањето на стабилноста на БиХ и нејзините органи, вклучително и Уставниот суд но и Канцеларијата на високиот претставник“ за БиХ, пренесува хрватската агенција Hina.

Орбан обраќањето во Бања Лука го заклучи со пораката дека Унгарија е силна земја и силна економија „која сака да биде партнер од доверба на Република Српска“.

Медиумите пренесуваат дека и самиот Додик бил изненаден од толку отворената поддршка на Орбан за Република Српска, но ја искористил можноста да испрати порака дека ентитетот нема да се откаже од својата борба а притоа и дека смета на поддршката од Унгарија.

„Подготвени сме да бидеме партнери на новата развиена балканска политика на Унгарија“, рече Додик.