Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во петокот, во исчекување на изборите за Европскиот парламент во јуни, дека е подготвен да „маршира“ на Брисел и да го „окупира“ центарот на Европската унија за да ја „одбрани унгарската слобода и сувереност“.
Орбан, чија партија на власт веќе 14 години со надмоќни изборни победи, се надева дека неговата Фидес ќе профитира дополнително од подемот на крајната десница ширум Европа. Истовремено, Унгарија се подготвува за преземање на ротирачкото претседателство со Европската унија во втората половина од годинава.
Обраќајќи се на собир по повод унгарскиот национален празник со кој се одбележува Унгарската револуција од 1848 година против Хабсбуршката монархија, Орбан рече дека европските избори се шансата уште еднаш да се заземе за Унгарија.
„Доколку сакаме да ги одбраниме унгарската слобода и сувереност, немаме друг избор освен да го окупираме Брисел. Ќе маршираме на Брисел и самите ќе ја донесеме промената на Европската унија“, порача Орбан пред мноштвото свои приврзаници.
Орбан со години е во конфликт со бирократијата во Брисел и западните членки на ЕУ околу повеќе прашања, во прв ред поради ограничувањето на пропагандата на ЛГБТ, владеењето на правата, слободата на медиумите. А Будимпешта најмногу ги предизвика гневот на Брисел со одбивањето да испраќа оружје на Киев со кој има историја на спорови уште од 2014 година кога прозападните украински власти ги укинаа малцинските права, вклучително и унгарското во Украина. Покрај тоа, владата на Орбан не ги прекина економските односи, во прв ред во енергетската сфера, со Русија по почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
Унгарскиот премиер го обвини Брисел дека со своите потези им нанесува штети на земјоделците ширум ЕУ, ја разорува средната класа и ги уништува домашните компании, „а покрај тоа, ја води Европа во војна“.
„Нема да го прифатиме тоа што Брисел ги напушти Европејците, уште повеќе, се сврти против нив“, оцени Орбан.
На почетокот од февруари унгарскиот премиер објави дека по изборите за Европскиот парламент, неговата конзервативна суверенистичка партија Фидес ќе се приклучи на пратеничката група Европски конзервативци и реформисти (ECR), во која е и крајно десната партија Браќа на Италија (FdI) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која според тврдењата од Брисел се смета за клучниот европски челник кој го придобил Орбан да се откаже од ветото за помошта на Европската унија за Украина.
Фидес на Орбан во моментов е неврзан откако тој ја напушти централнодесничарската Европска народна партија (EPP) во 2021 година по неговата суспензија поради наводното поткопување на владеењето на правото во Унгарија, за што Будимпешта поради нејзиниот суверенизам ја обвинуваа бирократските политичари во Брисел.