Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во петокот во Берлин во официјална државна посета, а пред средбата со канцеларот Олаф Шолц, во интервју ја критикуваше имиграциската политика на Германија.
„Германија денес не изгледа како пред десет години… оваа Германија повеќе не е Германија што ни ја дава нашите дедовци и родители како пример“, изјави Орбан за унгарското јавно радио Kossuth пред средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Орбан објасни дека порано се зборувало дека Германија е „земја на редот и вредните луѓе“.
„Денес Германија е шарен променет мултикултурен свет во кој мигрантите повеќе не се гости“, рече унгарскиот премиер.
Додаде дека проблемот е што „левичарската влада“ во Берлин „масовно ги дели германските пасоши“.
„Мигрантите повеќе не се гости на германските домаќини, туку сега се со сопственото право“, заклучи Орбан. Тој уште еднаш повтори дека ја донел вистинската одлука во 2015 година кога не дозволи бегалците да останат во Унгарија.
Во истото интервју тој ги критикуваше и кадровските планови во Брисел, кои укажуваат на реизборот на Урсула фон дер Лајен на чело на Европската комисија, која е „производ на една коалиција за војна и миграциите“, и го обвини претседателот на европските народни партии, Германецот Манфред Вебер дека водечките европски конзервативци ги води „в лево“ и се обидува да ги реализира „плановите на Сорос“ во Европа.
Орбан е во Берлин по повод унгарското претседавање со Европската унија на 1-ви јули.
Спротивно на обичаите при работните посети, по средбата не е предвидена прес-конференција, а германските медиуми пишуваат дека откажувањето на средбата со медиумите и избегнувањето на фотосесијата е „желба на канцеларот“ Шолц.
Шолц и Орбан оваа седмица присуствуваа на натпреварот Германија-Унгарија во рамките на Европското фудбалско првенство, но не седнаа еден до друг.
Орбан е еден од најжестоките критичари на отворената миграциска политика на германската влада, особено во времето на канцеларката Ангела Меркел.