Орбан смета оти Русија не е способна да нападне членка на НАТО

Стравувањата дека Русија ќе изведе напад врз некоја членка на НАТО се неосновани, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека војната во Украина ги покажа ограничувањата на руските воени способности.

Неговата кампања за претстојните избори за Европски парламент е заснована врз избегнувањето на подлабоко вклучување во војната и тој смета дека овие избори би можеле да го одлучат курсот на војната и мирот во Европа.

„Руската војска води сериозна и тешка војна со Украинците. Доколку Русите беа доволно силни да ја победат Украина со еден потег, тие веќе ќе го направеа тоа“, вели Орбан.

Според него, воените способности на НАТО значително ги надминуваат оние на Украина, па затоа не верува дека Русија би се осмелила да изведе напад врз НАТО.

„Тоа не би било логично. Русија не може да ја порази Украина, па како би можела да се бори против целиот запад“, кажа Орбан.

Тој сепак смета дека западот подлабоко би можел да се вклучи во војната во Украина поради заканите од Русија.