Орбан: Спречив парите на Унгарија да одат за Украина – кои три отстапки се вградени во документот за помошта на Киев

Унгарија доби гаранции дека нејзините незамрзнати средства од фондовите на Европската унија нема да бидат доделени за Украина и се согласи со предлогот не ЕУ за развој на механизмот за проверка на разумно трошење на средствата доделени на Киев, објави во четвртокот унгарскиот премиер Виктор Орбан.

До доцна попладнето унгарскиот премиер не се огласуваше со поголемо соопштение, но на социјалните мрежи претходно ја испрати пораката дека Унгарците нема да им дадат пари на Украинците.

„Не учествуваме во војната, не испраќаме оружје. Ние и натаму сме на страната на мирот“, порача Орбан претпладнето.

Во попладневното обраќање, според него, Унгарија била загрижена за две нешта: дека парите што ѝ се должат на Будимпешта досега од страна на Европската комисија од фондовите на ЕУ порано или подоцна ќе му бидат префрлени на Киев, како и дека ЕУ ќе одлучи тие средства да ѝ бидат достапни на Украина „премногу долг период и без проверка“.

„Изминатата ноќ, денеска утрово добивме предлог и на крајот развивме механизам за проверки, кој гарантира разумно користење на средствата (од Украина) и добивме гаранции дека унгариските пари нема да завршат во Украина. По долги преговори, го прифативме овој предлог“, истакнува Орбан во видео-пораката објавена на Facebook.

 

Брисел направил три компромиса за соглсноста на Орбан

Откако Европскиот совет на вонредното заседание успеа да влијае врз Орбан, како што тврди Брисел, да не стави вето на финансиската помош за Украина, откриени се поединостите поради што унгарскиот премиер се согласил на таквиот договор.

Пред главното заседание на Европскиот совет, унгарскиот премиер Виктор Орбан одржа состаник на кој присуствуваа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и челниците на Германија, Франција и Италија. Токму на тој состанок, иако фотографијата објавена претпладнето во четвртокот не делува така, се кршеле копјата.

Европското издаение на магазинот Politico објави одредени поединости од состанокот и појаснува дека челниците на земјите членки на ЕУ успеале да го убедат Орбан да го промени мислењето, така што направиле три компромиса.

„Челниците успеаја да го придобијат Орбан со додавање на три компромиса. Ќе постојат годишни извештаи на Европската комисија за имплементација на пакетот помош, ќе се одржуваат разговори на ниво на челници за имплементацијата на пакетот и, доколку е потребно, за две години Европскиот совет ќе бара од Европската комисија да предложи ревизија на новиот буџет“, пишува Politico.

Функционерите на Европската унија ја додале и реченицата во којашто се повикуваат на претходните заклучоци од декември 2020 година за да се гарантира дека начинот на кој Европската комисија го оценува владеењето на правото во Унгарија функционира на чесен и објективен начин.

„Ова е музика за ушите на Орбан, бидејќи текстот од 2020 година има имликации на 6,3 милијарди евра од кохезиските фондови на Европската унија кои се замрзнати за Унгарија поради недостигот од владеење на правот“, појаснува натаму Politico.

Сиве овие отстапки за Брисел се сметаат помали, бидејќи го избегнаа сценариото Орбан да стави вето на пакетот нова помош која има огромно значење за функционирањето на Укриана во услови на војната со Русија.

Извори на Politico, исто така, истакнале дека компримисите за Орбан не значат ништо и дека тој добил многи нешта со оваа одлука.

„Орбан уште во четвртокот утрото знаеше дека натпреварот е завршен. Не покажуваше знаци на нервоза“, пишува унгарскиот портал 24.hu.

 

Верзијата на Брисел

Челниците на сите 27 земји-членки во четвртокот објавија дека постигнале договор за ревизија на повеќегодишниот буџет, кој вклучува помош за Украина, на што Орбан досега се противеше. На вонредниот самит во Брисел договорија пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра. Вонредниот самит беше свикан со единствена цел да се направи обид да се добие согласност од Унгарија. На последниот состанок на самитот во средината на декември, 26 земји-членки постигнаа договор за помош на Украина, а единствено Унгарија беше против.

Според договорениот текст на заклучоците, Орбан не добил ништо за возврат на неговата согласност, соопштија од Брисел.

Во текстот се вели дека „врз основа на годишниот извештај на Комисијата, Европскиот совет (шефовите на држави или влади на ЕУ) секоја година ќе одржува дебата за спроведувањето на Инструментот за Украина со цел да обезбеди насоки“.

Орбан претходно побара сумата од 50 милијарди евра да се подели на четири наредни години, по 12,5 милијарди годишно и да се одлучува секоја година, со што ќе се задржи можноста да продолжи да се заканува со вето за да добие за возврат отстапки во однос на одмрзнувањето на европските фондови кои се замрзнати во Унгарија поради проблеми со владеењето на правото.

Во заклучоците се наведува и дека „доколку е потребно, за две години Европскиот совет ќе ја покани Комисијата да даде предлог за ревизија во контекст на новата Повеќегодишна финансиска рамка (МФФ)“.

Сепак, одлуката дали има или не потреба од ревизија мора едногласно да ја донесат лидерите на земјите-членки на ЕУ, што значи дека Орбан би морал да ги натера останатите 26 лидери да се согласат за нов ребаланс на буџетот, за што има нема апсолутно никаква шанса, се тврди во брифинзите од Брисел кои ги пренесуваат мејнстрим медиумите.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по самитот одговори негативно на прашањето дали Орбан добил некаква отстапка за неговата согласност. „Не го забележав тоа“, изјави Пленковиќ.