Орбан: Украина никогаш нема да стане членка на ЕУ и НАТО, глобалната моќ се поместува кон Азија и Русија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека руското раководство е „хипер рационално“ и оти Украина никогаш нема да може да ги исполни своите надежи да стане членка на Европската Унија (ЕУ) и на НАТО.

Орбан изнесе предвидување дека глобалната моќ ќе биде поместена од „ирационалниот“ Запад кон Азија и Русија.

„Во наредните долги децении, можеби и векови, Азија ќе биде доминантен центар на светот“, рече Орбан, алудирајќи на Индија, Кина, Пакистан и Индонезија како идни големи светски сили.

Обраќајќи се пред етничките Унгарци на фестивал во Баиле Туснад во соседна Романија, Орбан рече дека за разлика од „слабостите“ на Западот, позицијата на Русија во глобалните работи е рационална и предвидлива, велејќи дека земјата покажала економска флексибилност во прилагодување кон западните санкции.

Порача дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и на ЕУ, бидејќи Европејците немаат пари за такво нешто.

„Европската Унија треба да се откаже од својот идентитет како политички проект и да се трансформира во економски и одбранбен“, заклучи Орбан.