Орбан: Унгарија мора да остане вон мисијата на НАТО во Украина, изборите за ЕП шанса за запирање на војната

Унгарија мора по секоја цена да се држи настрана од евентуалната мисија на НАТО во Украина, повтори во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан, ден откако генералниот секретар на Алијансата изјави дека нема планови за испраќање војници во земјата разурната од војна но и откако Орбан претходни седмицава предупреди дека Европската унија се подготвува за војна против Русија.

Орбан во интервју за јавното радио рече дека Будимпешта нема ни да учествува во фазата на планирање на таа мисија, предупредувајќи на ризикот унгарските единици да бидат префрлени под команда на НАТО и да се искористи унгарската територија доколку започне борбенаа мисија на Алијансата во Украина.

„Ќе изгубиме клучен дел од нашиот суверенитет доколку се случи тоа, тогаш нема да можеме да ги држиме унгарските војници надвор од војната“, рече Орбан, цитиран од унгарската новинска агенција MTI.

Најави дека моментот кога Унгарија ќе се повлече од сите подготовки на НАТО за учество во војната во Украина е „многу блиску“. Тој додаде дека за таков чекор прво мора да се разговара со сегашниот и идниот генерален секретар на Северноатлантскиот договор. Актуелниот шеф на Алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот изјави дека НАТО не планира да испраќа војници во Украина но не ги коментираше повиците на челниците на земјите членки да се испратат единици на Алијансата во Украина.

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека Унгарија има право да се придржува до основниот договор за НАТО кон кој се приклучивме“, рече Орбан, нагласувајќи дека НАТО е дефиниран како одбранбен сојуз.

Европа во „воена психоза“

Унгарскиот премиер посочи дека Европа е во „состојба на воена психоза“ што логично може да резултира со пристигнување на западни војници на украинска територија.

„Гледајќи наназад, лесно може да се увиди дека сè побрзо се движиме кон отворен конфликт… Оние кои велат дека нема закана од директна војна, го лажат народот“, предупреди Орбан.

Унгарскиот премиер оцени и дека се води кампања (во ЕУ и воопшто на западот) за замолчување на политичарите кои се залагаат за мир. Тој го наведе атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо и блокирањетоа на медиумските извештаи за Маршот на мирот што се одржа во Унгарија минатата сабота.

„Се подготвува директен конфликт“, предупреди Орбан, додавајќи дека „се наоѓаме на само неколку сантиметри од точката од која нема враќање“.

Изборите за ЕП „шанса да се запре војната“

Орбан ги објави своите мрачни предупредувања пред изборите за Европскиот парламент оваа седмица, на кои гледа како шанса да се запре ескалацијата на војната.

„Имаме шанса да ја запреме војната“ на овие избори, смета унгарскиот лидер.

„Тогаш ќе имаме неколку тешки месеци до американските избори, кои ќе можеме да ги преживееме… А кога претседателот Доналд Трамп ќе се врати (во Белата куќа), можеме да формираме пан-западна трансатлантска мировна коалиција и да ја запреме војната“, заклучи Орбан.