Унгарскиот парламент ќе може да го ратификува влегувањето на Шведска во НАТО на почетокот од пролетната сесија подоцна во февруари, изјави премиерот Виктор Орбан пред своите приврзаници во саботата.
„Добрата вест е дека нашиот спор со Шведска наскоро ќе биде разрешен. Одиме во насоката на почетокот од пролетното заседавање на парламентот да го ратификуваме пристапувањето на Шведска во НАТО“, рече Орбан меѓу другото во своето обраќање.
Орбан рече дека со шведскиот премие Улф Кристерсон преземале чекори за „обновување на довербата“ меѓу двете земји, но не откри поединости.
Шведска по децениската само декларативна воена неутралност во мај 2022 година и формално поднесе барање да стане членка на НАТО, правдајќи се дека потегот наводно е предизвикан од руската инвазија во Украина.
Унгарија е единствената членка на НАТО која сѐ уште не го ратификуваше шведското барање, процес кој бара поддршка од сите земји членки. Одговорот на Будимпешта, всушност е реакција на политиките на официјален Стокхолм против унгарските власти особено во поглед на блокадите во Европската унија и постојаните критики за наводното кршење на владеењето на правото, на правата на ЛГБТИ заедницата и тн во Унгарија.
Донеодамнешното одбивање на Турција и сега на Унгарија да го ратификуваат барањето на Шведска за членство во НАТО, предизвика стравови меѓу земјите членки за единството на блокот.
Владејачката унгарска партија Фидес порача дека се неосновани континуираните шведски обвинувања за наводното поткопување на демократијата во Унгарија, што е основната причина што Шведска сѐ уште не го доби унгарското зелено светло за во НАТО.
Орбан, кој одржува блиски односи со Русија и е во големо разидување со некои западноевропски членки на ЕУ и НАТО, повеќепати рече дека неговата влада го поддржува влегувањето на Шведска во НАТО, но процесот на ратификација се закочи во унгарскиот парламент од средината на 2022 година. Според најавите, унгарскиот парламент повторно ќе заседава на 26-ти февруари.