
Унгарија смета дека има морална обврска да ја поддржува Македонија во евроатланските интеграциски процеси, а штотуку го уверив премиерот Груевски дека ваквата позиција ќе остане и во иднина, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан по вечерашната средба со претседателот на македонската Влада на маргините на Самитот во Белград.
Сметаме дека е недопустливо земја како Македонија која има добри резултати и прави огромен напредок во последните неколку години се уште да не е прифатена како членка на Европската унија и НАТО. Тоа просто не е во ред. Разбирам дека имате многу дискусии со вашите соседи кои се тешко да се решат, но првично главните критериуми за приклучување кон НАТО и ЕУ се перформансите, а вашите перформанси во економијата и стабилност се одлични, рече Орбан. Тој нагласи дека Унгарија смета оти треба сериозно да се земат предвид аргументите кои ги има Македонија и да се приближи земјата кон ЕУ и НАТО, јави известувачот на МИА.
Премиерот Груевски ги оцени односите меѓу двете држави како многу добри со одлична соработка на сите полиња и меѓусебно поддржување.
– Разговаравме за различни прашања и инфраструктурни проекти, како и за соработката во иднина. Разменивме мислења за различните политички и економски прашања од значење за двете земји и разменивме искуства поврзани со повеќе сектори. Секогаш е интересно да се разговара со унгарскиот премиер бидејќи ги цениме унгарските искуства и некои од нив ги анализираме. Сметаме дека може да се применат и кај нас на сличен начин, изјави Груевски.