Илегалната миграција води до раст на антисемитизмот, насилството врз жените и ширењето на хомофобијата во Европската унија, изјави во средата унгарскиот премиер Виктор Орбан во текот на презентацијата на унгарското претседателство во Европскиот парламент.
„Европската унија мора да се промени и денеска сакам да ве убедам во тоа“, ја започна Орбан презентацијата на унгарското претседателство со Европската унија, кое трае до крајот на годината, и предупреди дека Европа се соочува со „можеби најсериозното момент“ во нејзината модерна историја.
Орбан рече дека илегалната миграција е голем товар за Европа, особено за државите на надворешните граници на Унијата, а како единствено решение предложи „жаришта“ надвор од европските граници.
„Илегалната миграција води кон антисемитизам, насилство врз жените и зголемување на хомофобијата“, рече унгарскиот премиер.
Мигрантската криза го загрозува и шенгенскиот систем, па Орбан предлага собири на земјите-членки од оваа зона на слободното движење за да се усогласат нивните политики.
Унгарскиот премиер зборуваше за војните кои ѝ се закануваат на Европа на нејзина територија, Блискиот исток и Африка. Во својот говор не ја спомна Украина, осврнувајќи се на таа земја дури по реакциите на парламентарците, велејќи дека Европа е на пат кон пораз во војната во Украина и дека води погрешна политика кон тој конфликт.
„Мораме да зборуваме за примирје и да имаме поинаква стратегија или сите ќе изгубиме“, рече Орбан.
Орбан зборуваше и за губењето на конкурентноста на Европа, за она што го гледа како недостатоци на зелената транзиција и прекумерното регулирање на ЕУ, демографијата, миграцијата и проширувањето.
Зборувајќи за проширувањето, Орбан рече дека ЕУ мора „да се фокусира на Србија“ бидејќи без приемот на таа земја нема да има безбедност на Западен Балкан.
Во однос на земјоделството, Орбан смета дека овој сектор е загрозен од климатските услови, прекумерната регулатива и извозот од трети земји, што го загрозува „постоењето на земјоделците“.
Унгарскиот премиер затоа посочи дека Будимпешта сака да биде катализатор за „неопходните промени“ во Европа.
„Ние не сме членка на ЕУ поради тоа што таа е, туку поради тоа што може да биде“, нагласи Орбан, а ден откако на прес-конференција рече дека ќе ја прослави победата на Доналд Трамп на изборите во САД со „неколку шишиња шампањ“ го заврши својот говор со парафразата на слоганот на поранешниот американски претседател: „Да ја направиме Европа повторно голема“.
Претставниците на левицата го дочекаа неговиот говор пеејќи ја антифашистичката песна „Бела Чао“, на што реагираше претседателката на Европскиот парламентм Роберта Мецола со предупредување дека не се на Евровизија.
По Орбан, пред Парламентот се обрати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа на почетокот ја изрази својата солидарност со Унгарија поради неодамнешните смртоносни поплави, но потоа не ги штедеше критиките упатени кон унгарскиот лидер.
„Украинците влегуваат во третата зима на војната, а Русите сакаат таа да биде најлоша досега. И сè уште има такви кои ги обвинуваат жртвите за војната, а не иницијаторите на инвазијата. Тие не го обвинуваат Путин и неговата алчност за моќ, туку жедта на Украина за слобода“, рече фон дер Лајен, прашувајќи дали Орбан ќе ги обвини Унгарците за советската инвазија во 1956 година.
„Ние Европејците можеби имаме различни истории и јазици, но не постои европски јазик во кој мирот е синоним за предавање, а суверенитетот е синоним за окупација“, рече таа.
Во однос на прашањето за миграцијата, таа го критикуваше тврдењето на Орбан дека Будимпешта ја штити Европа од криминалци бидејќи Унгарија неодамна ослободила „осудени шверцери и трговци со луѓе“.
„Тоа не е заштита на Европа, тоа е испраќање на нејзините проблеми до нејзините соседи“, твреше фон дер Лајен додавајќи дека во исто време, Унгарија им дозволила на руските граѓани да добијат дозвола за престој на „европска територија“ без дополнителни контроли „што ја загрозува целата Шенген зона“ и дозволила и „кинески патроли на полицијата во Унгарија“.