Орбан: За мирот во Украина би морале да преговараат Путин и Трамп, Меркел ќе ја спречеше војната

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во текот на својот престој во Берлин во вторникот се заложи за преговори меѓу Русија и САД за мир во Украина, и притоа го спомена поранешниот американски претседател Доналд Трамп како погоден преговарач а за поранешната германска канцеларка Ангела Меркел оцени дека ќе ја спречила руско-украинската војна.

„Можеби за многумина ова ќе звучи брутално, но надежите во мир се викаат Доналд Трамп“, изјави Орбан во разговорот за германското списание Cicero за глобалната политичка ситуација.

Унгарскиот премиер смета дека актуелниот американски претседател Џо Бајден, поради своите вербални напади врз рускиот претседател Владимир Путин, не е соодветната личност за преговорите од страна на САД.

Орбан смета дека војната во Украина нема да биде завршена со преговори меѓу Москва и Киев, туку со преговори меѓу Русија и САД.

„Кој верува дека оваа војна може да биде завршена со руско-украински преговори, тој не живее во реалноста. Распределбата на моќта е некаде на друго место“, заклучува Орбан.

Унгарскиот премиер, кој престојува во тридневна посета на Берлин, во текот на кој се сретна со канцеларот Олаф Шолц, но и со претходната канцеларка Ангела Меркел, го пофали нејзиното дејствување откако во 2014 година црноморскиот полуостров Крим, населен со доминантно руско населени се реши да се врати во составот на Русија од кој ѝ беше доделен на Украина во времето на СССР, што западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.

„Она што Ангела Меркел го стори во 2014 година во текот на Кримската криза претставува ремек-дело“, оценува Орбан.

Вели дека тогаш не дојде до војна само благодарејќи на германските дипломатски напори, коишто, како што рече, оваа година изостанаа пред руската инвазија во Украина.

„Во февруари немаше никој којшто и би се обидел да ја спречи војната“, оценува Орбан според кого Меркел би ја спречила војната.

Повторно унгарскиот премиер ја критикува Европската комисија поради осумте пакети санкции против Русија. „Санкциите во оваа форма ќе нѐ чинат главата“, заклучува Орбан.