Орбан за поблиска соработка со ЕУ по прашањата за пазарот и одбраната, но не и за миграцијата

Европската унија треба поблиску да соработува за пазарните и одбранбените прашања, но не и за политичките прашања како што е миграцијата, бидејќи големите разлики меѓу земјите го прават тоа невозможно, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Постојат прашања, дури и егзистенцијални прашања, на кои немаме заеднички одговори, имено војна и мир, миграција, пол, општество базирано на работа, целосно вработување. Ако нè принудите да се собереме за прашања со кои не се согласуваме, ќе ја расцепите Европската унија“, рече Орбан на конференција во италијански Черноби.

Орбан, исто така, рече дека неговите посети на Киев и Москва на почетокот од оваа година, кои беа критикувани од некои партнери од Европската унија, го довеле до заклучокот дека во овој момент ниту една страна нема намера да постигне мир и да го запре конфликтот.

Унгарија, која продолжи да го оддржува блиските врски со Русија и по нејзината инвазија во Украина во февруари 2022 година, го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ во јули. Откако го презеде кормилото, Орбан ненајваено го посети Киев, а потоа ненадејно и Москва и Пекинг пред да присуствува на самитот на НАТО во Вашингтон. Неговата, како што ја нарече, „мировна мисија“ наиде на остри критики од некои водачи на ЕУ кои го дистанцираат блокот од неговите постапки.

Унгарскиот челник смета дека мора да бидат отворени комуникациските линии на двете страни доколку Европа сака да ја прекине војната во Украина.

Националистот и суверенист Орбан, кој го поддржува Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември, изјави во петокот дека мир никогаш нема да се постигне без отворени линии на комуникација и со Украина и со Русија.

Орбан го пофали „пристапот за склучување договори“ на Трамп и рече дека Европа ќе треба да соработува со источниот дел од светот за да ја подобри својата економска конкурентност.

„Нашиот интерес е добра соработка со Западот, со САД, а економски соработуваме колку што можеме со истокот, сега со Кина, па дури и со Русите по војната. А во областите без санкции, би предложил соработка дури и со Русите“, рече Орбан.

Унгарија купува најголем дел од својот гас и сурова нафта од Русија, а руски „Росатом“, според меѓувладиниот договор од пред повеќе години, ја одржува со евтино гориво постојната украинска нуклеарна централа и гради нови реактори.