Ѓорчев: Дали изјавите на премиерот и претседателот претставуваат повлекување од резолуцијата за македонските црвени линии во Собранието!?

Гоце Делчев е најнесреќниот избор од бугарска страна за предизвикување раздор, недобронамерност и создавање амбиент на несоработка меѓу Македонија и Бугарија. За нашата македонска држава Гоце Делчев е најсветлиот лик, апостол и знаме на македонската револуционерна борба, истакна поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев на денешната трибина „Гоце е Македонија“.

„Бугарија не ја разбира светлосната порака на Гоце Делчев. Сите нивни политички манифестации коишто се однесуваат на негација на македонското постоење, македонската реалност и македонската вистина претставуваат навистина, од европски аспект не познавање на европските вредности и нивно не усвојување“, посочи Ѓорчев.

Додаде дека сите бугарски декларации и резолуции кои што беа донесени, пред сѐ декларацијата со декември 2018 година во коишто се исцртаа бугарските црвени линии кон Македонија беа во насока да се потенцира старата анахрона теза за не постоење на македонска нација и македонски јазик.

Ѓорчев посочи дека Договорот со Бугарија стана основна пречка на добрососедските односи, бидејќи договорот е нерамноправен и несиметричен.

„Ние имаме несомнена предност затоа што нашата историографија, факти и аргументи и историски извори и легендарна димензија за тоа што претстава Гоце Делчев, кој што е опеан во народни песни,  укажува на тоа дека Гоце Делчев за нас е примарен, тој е нашиот органски тип на македонски човек и како таков ние треба да го негуваме“, рече Ѓорчев.

Истакна дека негирањето на Гоце Делчев претставува негирање и на европските вредности.

„Ние како Македонија треба да организираме широка општествена дебата во која ќе биде вклучена македонската наука, граѓанскиот сектор и низ таа широка дебата заедно со политиката ќе изградиме еден соодветен однос кон тоа што претставува универзалноста и европскиот лик на Гоце Делчев“, кажа Ѓорчев.

Додаде дека ние мора да се биде истраен во тоа што е македонска вредност, мора да се покаже храброст и цврстина, затоа што Гоце Делчев е дел од македонската колективна меморија и претставува сето она што сме денес во Македонија.

Според Ѓорчев изјавите на премиерот и претседателот на Република Македонија уште еднаш ја покажува спремноста за попуштање од страна на власта, спремност за величење на туѓиот интерес за наметнување на туѓа волја кон македонските граѓани и тоа е неприфатливо бидејќи ние имаме вистински македонски вредносен систем којшто постоел, постои и ќе продолжи да постои.

„Изјавите на премиерот и претседателот на Македонија се несреќни изјави, бидејќи со тоа тие ја слабеат нашата позиција во преговорите со Бугарија. Тоа претставува и нивно повлекување од нашата резолуција донесена во парламентот со консензус од сите политички субјекти за нашите црвени линии“, заклучи Ѓорчев.