Ѓорчев и Попов: Младите се силно мотивирани, промените мора да се случат

Влатко Ѓорчев, долгогодишен пратеник и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, а сега член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска се обрати на семинар во организација на шведската фондација Јарл Хамерсон и шведската сестринска партија Модератерна, и УМС на ВМРО-ДПМНЕ, на тема кампањи и меѓународни односи.

Ѓорчев потенцираше дека во делот на меѓународните односи во делот на ВМРО-ДПМНЕ фундаментално е да се знае за европската народна партија (ЕПП) и меѓународната демократска унија ( ИДУ ), и двете сестрински организации се најголемите политички организации, едната во светот, другата во Европа.

Истакна и дека ЕПП убедливо има повеќе пратеници од социјалистите. Тој во своето предавање се осврна на историјата на ЕПП и сестринските партии.

Тој кажа дека сите кои што живеат во Македонија и во 21 век имаат свои идеали, политички цели итн кои преку политичка борба сакаме да ги постигнеме, а тоа се вечните идеали на Илинденците. Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ се бори за македонските идеали и тоа никогаш нема да престане да го прави.

Ѓорчев потенцираше дека за политиката е важна тимска работа.

На семинарот се обрати и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.

„Почитувани претставници на Јарл Хамерсон фондацијата, почитуван претседатели, Мицкоски, почитувани гости, огромна чест ми е да се обратам пред вас како претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме најголемата и најдобро организирана младинска во Македонија и опфаќаме млади од 18 до 29 години, што не прави вистински репрезент на младите“, рече Попов.

Дополни дека еден од неговите приоритети е борба со големиот број на предизвици кои се испречени пред неговата генерација, и дека тие не смеат  да бегаат од предизвиците, и дека тој строго верува дека промените мора и ќе дојдат во нашата држава.

Попов заклучи дека како младинска организација, тие строго веруваат во европските вредности и се борат за истите.