Ѓорчев: Македонија ги загуби меѓународните позиции откако сите сфатија дека Заев е подготвен да испорача сѐ што ќе му побараат

Португалија како претседавач со ЕУ се обидува да најде средина за надминување на проблемот со Бугарија, откако премиерот Зоран Заев ја доведе Македонија во најлоша позиција иако се колнеше дека нема да го менува Уставот и името и кога сите соговорници сфатија дека може да добијат сѐ со цврст став кон него, рече во средата Владимир Ѓорчев, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во „Анализа 24“ што се емитува на телевизја 24 рече.

„Немам доверба во Владата и министрите кога преговараат за позициите на Македонија, а преговараат Зоран Заев, Артан Груби, Бујар Османи, Бојан Маричиќ. Не им верувам, ниту на кој и да е друг од Владата. Проблемот е што сите во регионот сфатија дека кога ќе му треснат на маса на Зоран Заев тој се ќе испорача. Така Македонија ги изгуби позициите на меѓународната сцена. Македонија стана канта за удирање“, рече Ѓорчев .

Во дуелот со минситерот за правда Бојан Маричиќ, Ѓорчев оцени дека ветото од Бугарија следеше затоа што официјална Софија знае дека кога-тогаш Заев ќе попушти.

„Заев се колнеше во македонската жица, во своите деца дека нема да менува ништо, а што направи – смени сѐ“, рече Ѓорчев.

Потсети дека Македонија не е блокирана само од Бугарија, туку и од Грција којашто според договорот од Преспа има право да стави вето во кој и да е момент од преговарачкиот процес меѓу Скопје и Брисел, илустрирајќи го тоа со реакцијата на Атина на твит на премиерот Заев.

„Македонија е блокирана од сите страни, не само од Бугарија за преговори со ЕУ, сега и Грција најавува блокади. Едноставно не верувам на никој од оваа Влада“, рече Ѓорчев.