Ѓорчев: Смртноста во Македонија e како никогаш порано, разумно е пописот да се одложи

Поради фијаското на премеирот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, Македонија е земјата со најголема смртност од коронавирусот во светот, поради што е сосема разумно и потребно во актуелната епидемиолошка ситуација во земјата да биде одложена операцијата за попис на населението, посочи во вторникот во неговиот „Коментар на денот“, Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што посочи опозицискиот политичар, земјата на дневно ниво бележи по 30 починати од Covid-19, смртност којашто во Македонија не била забележана никогаш досега. Ѓорчев додаде дека само во Битола има 165 мртви, Охрид 151 починато лице, Велес 122 починати, Струмица 119, Гевгелија 52 лица, Радовиш 40 починати.

„Ова се ужасни, ужасни бројки на исчезнувањето и смртта во Македонија. Разумно е да се одложи пописот, не треба нови кластери, нови заразени, нови починати само поради желбата на Зоран Заев за политички попис.

Не треба нови дополнителни 2.400 луѓе да умрат поради политичката желба и политичкиот договор на Зоран Заев да направи попис по секоја цена. Разумно е пописот да се одложи како во речиси сите земји во Европа“, посочи Ѓорчев.