Со минута молк за сите 3.600 починати од коронавирусот во Македонија почна денешниот протест во 11:30 часот пред Министерството за здравство во организација на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Здравје, а не провизија“.
– Денеска во Македонија додека зборуваме во моментов се подготвуваат 33 погреби, денеска 33 семејства ќе ги испратат своите најмили и веќе никогаш нема да ги видат. Ќе молчиме затоа што власта не се ни дрзнува во Собрание да молчи за починатите свои сограѓани. Минута молк затоа што болката е голема и затоа што мртвите се премногу, а неспособноста е ужасна. Не е нормално да умираат по 30 луѓе дневно и никому ништо – критикуваше Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека во Македонија не се умирало вака од Втората Светска војна и дека не е нормално да имаме по 30-тина смртни случаи секој ден.
– Македонија буквално умира, луѓето се борат за секој здив. Ни рекоа „За живот“ во Македонија, а државата е една голема гробница. Ова ли е живот со 30 погреби дневно? Заевистан набавува вакцини преку сомнителни фирми, Заевистан во кој стотици одат во соседството да се вакцинираат, а државата е во петте најлоши држави по смртност во светот. Македонија има најмногу мртви луѓе во светот, а вакцини нема – рече Ѓорчев.
Тој потсети дека во Србија се вакцинираат дневно по 40.000 луѓе, Албанија има набавено преку 100.000 вакцини, Грција има 5 милиони вакцинирани луѓе, Хрватска има 400.000 вакцинирани, а „ние треба да седиме мирно и да бидеме индиферентни на тоа што Сомалија, Руанда и Зимбабве вакцинираат пазарџии и такси возачи“.
– Најнеспособни сме на светот, Врање за нас стана Шведска и Скандинавија. Ова е фијаското во кое живееме. Ги повикувам ченовите на СДСМ и „шарените револуционери“ да не бидат индиферентни на 3.600-те мртви и да не молчат за ова што ни се случува – рече Ѓорчев.
Тој посочи дека 1.200 починати во Скопје е повеќе од скопскиот катастрофален земјотрес, 310 починати само во Прилеп, тоа е 31 Карпалак само во Прилеп, 170 мртви во Битола, 40 мртви во Неготино, 230 мртви во Тетово, 110 мртви во Велес, 100 мртви во Штип…
– За ова ли гласавте шарени револуционери, ова ли е живот во Македонија? – праша Ѓорчев.